Многумина жалат и со задоволство се присетуваат на овие детски емисии. Нема ученик од 80 -тите и 90-тите години кој учебната година не ја поминуваше со емисијата “Ѕвон” и “Македонските народни приказни”, зимскиот распуст со “Зимско рекреативна програма” а летниот распуст со згодите и незгодите на нa ликовите од “Втората смена”. Се обидовме да ги издвoиме најинтересните и да ве навратиме десетина години наназад:)
Опстанок
Една од најпопуларните македонски серии за деца, „Опстанок“, одеше во етерот во деведесетите години од минатиот век. Главни ѕвезди во серијата беа четирите дечиња Босилка (Елена Зафировска), Петре (Дејан Велков), Анѓа (Катерина Ангелова), Стојанче (Сашо Софрониевски), Осамениот (Мето Јовановски) и секако „волчко“
Дајте Музика
Оние малку повозрасните што растеа со култната детска серија „Дајте музика“ велат дека улиците се празнеле кога таа се емитувала на малите екрани. Оваа серија, која се прикажуваше на Македонската телевизија, беше во режија на Лазар Паковски и нема дете од земјава што не се сеќава на овој проект.Дајте музика“ беше, остана, а верувам и во иднина ќе биде култна детска забавна серија, која, за жал, сите овие дваесетина години не доби свој наследник и не е надмината. Освен интересната содржина, таму се слушаа и песнички за деца што сѐ уште се паметат. Најавната песна „Дајте музика“, која се емитуваше во шпица, сите ја потпевнуваат и ден денес.
Волшебното самарче
ТВ Скопје 1975. Игор Џамбазов, Анче Џамбазова, Петре Прличко, Ристо Шишков, Коле Ангеловски… Работена според делото на Ванчо Николевски. Се сеќавате на моментот кога Трајче Дрварчето ќе дознае дека неговиот татко загинал за време на бомбардирањето на Белград?
Белото Циганче
Македонска серија за деца од 1983 година. Илија Џувалековски, Снежана Стамеска, Крсте Јовановски, Рубенс Муратовски, Игор Маџиров.Дело од Видое Подгорец.
Бушава Азбука
Македонска детска програма продуцирана со помош на МРТВ во 1985 со авторите Горан Стефановски и Слободан Унковски, со музика од Леб и сол и Ана Костовска. Програмата е насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку медиумите на музика, цртан филм, итн. Вкупно има 31 епизода со просечно траење од 29 минути, посебно посветени на буквите од македонската азбука.
Зимско рекреативна програма
Секое утро во 10 часот бевме пред телевизорот и со нетрпение ја очекувавме најавната шпица на “Зимско рекретивната програма”. Гледавме “Најсмешни видео инсерти”, “Македонски народни приказни”, добивавме по некоја награда. Ги запознавме Александар Блажевски и Ненад Ѓорѓиев.
Сител Бамбини
Секоја недела распеаната Деси пееше детски хитови со многу дечиња.
Пулсирања
Ги запознавме Ана Јовковска и Анета Андонова. Ни го разубавуваа секој викенд со интересни теми.
Тропски горештини (1991-1993)
Иако секоја година “екслузивно“ ја даваат на МТВ, сепак ова беше серија со која верувам речиси секој од вас ги поминувал летата.
Дали се плашите од темнината? (1991-1996)
Има ли некој што не ја знае серијава? На IMDb се уште има рејтинг од 8.5. Секој вторник група на млади луѓе раскажуваа по некоја навидум страшна приказна. За да биде уште поморничава атмосферата, целиот серијал беше снимен на плажа со запален логорски оган. Се сеќавате нели?
Млади бунтовници (2002-2003)
Знам дека вака звучи смешно од оваа перспектива, ама кога излезе серијава беше тотален хит меѓу тинејџерите. Жените го сакаа Мануел и Пабло , мажите ги сакаа Миа, Вико и Пилар. Сите ги знаеа песните како Bonita и другите, зарем некој ја заборавил легендарната реклама после наградната игра, легендарната реплика: Ај не си дете?
Залезот на плажата
Мислам, легендарната Мег, Бен, траеше толку долго и на крај МТВ не ја откупија цела и си останавме да се прашуваме како заврши… и кој е убиецот нели?
Тетка Биберче
Mrs. Pepperpot или Spoon Obasan на јапонски е легендарната Тетка Биберче. Првиот anime прикажан на Македонската Радио Телевизијa. Познати цртани филмови беа и Пожарникарот Сем, Таличниот Том, Волшебните чевличиња и Нинџа Желките и Веселите Грашкоци?
Алф
Серија за најсимпатичниот вонземјанин на сите времиња.
Muppet babies
Мораме да признаеме дека Muppet babies ни беше многу појако од оригиналното Muppet Show.
Втората смена
Македонска серија за деца и млади од 1988 година. Според романот “Втората смена” на Велко Неделковски. Играат: Мартин Трпчевски, Катарина Ангеловска, Виктор Дојчиновски, Наталија Куновска, Павел Максимовски, Рубенс Муратовски, Марија Кондовска, Александар Чамински, Стојна Крстевска, Ѓокица Лукаревски, Анче Џамбазова…
Се надеваме дека за миг успеавме да ве навратиме во вашето детство.